
„Да пукнам ако лажам дека се тазе. Жими двете деца кои ми се родија после десет години„ -.вака регираше еден од продавачите на слатки на Скопски Бит Пазар на нашето прашање зошто нема датум на производство на опаковката на еклерите. Топло е. Во Скопје тој ден беа измерени 22 степени целзиусови, но тоа не им смета на пазарџиите да ги продаваат слатките кој треба да се чуваат на температура до 4 степени. Малите тулумби и еклери се сместени по 10 парчиња во тацна од „морска пена„ и завиткани со целофан. Најголемиот дел од нив нема етикета на производителот. Врз нив рој оси се гостат од шербетот на слатките. Еден од продавачите ни вели дека 4 години продавал на исто место и немал никаква негативна реакција од потрошачите.
„Ако сакаш гаранции оди во слаткарница„ вели нервозно тој.
Продажбата на слатки по пазарите во Скопје почнува во средината на октомври и трае до средината на април секоја година. Другите месеци е премногу топло за да се излезе на пазар со вакви производи.
Нелегално производство на слатки
Mногу тешко најдовме соговорник за продажбата на слатки по пазарите. Нашите прашања ги правеа нервозни и претпазливи продавачите. Нашата соговорничка (35 години) која инсистираше да остане анонимна за да нема проблеми со инспекцијата, ја сретнавме пред пазарот во Чаир. Секој ден за Рамазан од багажникот на својата „Лада Самара„ продава по 500-600 тулумби.
„Повелете тулумби за 7 денари„- ги кани таа муштериите со својата широка насмевка на искусен трговец. 4 години продава на овој пазар и вели дека досека никој не се пожалил на квалитетот на слатките.
„ Мислиш дека луѓето се будали да купуваат од моите слатки ако се расипани„ –разлутено реагира таа на нашите прашања. Слатките стојат во еден длабок метален сад и не се покриени со ништо. Прашината што се крева од возилата кој проаѓаат до нејзината Лада и пчелите кој лазат на тулумбите не и сметаат. Ова не му смета ниту на Музафер Хасани. „Секој ден купувам тулумби за ифтар. Убави се како да се домашни. Не ми смета што тулумбите се продаваат вака на отворено. Убави и тазе се- вели тој и купува 20 парчиња. Таа ги става тулумбите во кеса и ги посипува со шербет кој стои во друг метален сад.
„Редовен муштерија „-ни вели задоволно таа и му ги подава тулумбите на Музафер .Тулумбите „одат како алва„. Се ближи време за ифтар. Пазарот полека се празни. Во длабокиот сад остануваат уште 50-тина тулумби. Нашата соговорничка и маж и се редовно вработени и ова им е споредна дејност. Имаат работилница каде работат со порачки, а дел од производството сами го продаваат. По потреба ангажираат и работници. Дневно произведуваат по 3-4 иљади парчиња. Немаат регистрирано фирма. Целиот бизнис го вршат илегално.„Кој како се снајде. Зарем сите во државата плаќаат данок. Досега немав проблеми со испекцијата„ – ни вели таа смеејќи се.
Легалното производстово на слатки е загрозенo
„Благодарејки на милата ни наша држава која не превзема ништо ќе го напуштиме производството на слатки и ќе се орентираме на друг бизнис„-се жали на нелегалниот слаткарски бизнис Игор Стојановски (34 години) еден од сопствениците на Компанијата Стојановски од Скопје . Со Игор се сретнавме во неговата слаткарница “Слатка Магија” на Рузвелтова. Слаткарницата е мала но убавао уредена. Нема маси туку само еден мал шанк до прозорецот со 3 столици. Пред затварање е па во стаклените фрижидери има неколку кроасани и по една тепсија еклери и тулумби. Компанијата во својата работилница произведува околу 17 иљади парчиња разни видови слатки дневно. До мај оваа година просизводството било двојно поголемо. Компанијата имала 12 вработени но поради падот на производството сега има само 8 вработени. Оваа компанија како семеен бизнис почнува со работа во 1992 година и е еден од првите мали фирми кој започна производство и дистрибуција на евтини слатки по продавниците . „За овие 12 години не сме имале труење со слатки. Ако требаше фрлавме слатки само за да не се случи тоа- вели тој. Компанијата Стојановски го дистрибуира производство по продавници. Доколку се држат на 4 степени еклерите траат 5 дена а тулумбите 15 дена . Во потопли простории слатките се подложни на брзо расипување.
„Им велиме да ги држат слатките во фрижидер но некои од нив ги држат слатките надвор. Не им продаваме на трговците од Бит Пазар. Не знам зошто но тие бараат слатки без етикета „ вели Игор.
Квалитетот на евтините слатки е послаб
Тулумбите и еклерите кој во слаткарница се по 30 денари и малку се поголеми од слатките кој се продаваат по продавниците по 10 денари. За да се произведат во домашни услови 30 тина тулумби од средна големина потребни се 300 грама брашно тип 400, 4 јајца, пола пакување пециво, 1 кг шекер за шербет, 15 грама маргарин, пола килограм зејтин и 300 милилитри вода. Целата работа на подготовка не трае подолго од еден час. „Тулумбите кој ги правам дома се дупло поевтини од оние во продавница а и многу се повкусни. „- ни вели Суаде Ахмет (68 години) домаќинка од Скопје. Игор Стојановски вели дека за да се постигне добивка од 30 насто, цената на суровините треба да биде 3.5 пати поевтина од продажната цена на слатките. Другите трошоци се плати за вработените, дистрибуцијата а имало и доста фрлање на слатки кој нема да се продадат. За да се постигне цената од 5 денари за малите слатки и од 10 денари за големите слатки се штеди на јајца, шекер, млеко, маргарин и се користат поевтини суровини. „Еклерите и тулумбите во слаткарниците и дома произведените се многу поквалитетни од оние кој се продаваат по продавниците и на пазарите. Инаку не би биле така евтини„ – вели Игор Стојановски.
Државата немоќна да воспостави ред на пазарите
„Тоа е работа на полицијата. Ако тие ги узурпираат тротоарите пред пазарите тоа е узурпирање на јавниот ред. Ние не сме опремени за да се справиме со тоа„ вака регираше Кате Стојановска, раководител на подрачното одделение за инспекциски надзор во рамките на Дирекцијата за храна, на нашето прашање како државата се справува со продажбата на слатки на пазарите. Кате Стојановска вели дека проблем е тоа што продавачите се физички лица, не се регистрирани во судовите и не даваат податоци на лице место. Дирекцијата за храна во рамки на Министерството за здравство од јануари 2005-та година е надлежна за безбедноста на храната. Оваа дирекција и вработените произлегуват од државниот санитарен и здравствен инспекторат. Одделението за инспекциски надзор во дирекцијата кое се грижи за Скопје, Куманово и Велес има 14 инспектори. Во дирекцијата велат дека ова е недоволно да се контролира ова големо подрачје. Лидија Дамевска раководител на одделението за анализа и проценка на ризик вели дека треба да се работи на подигање на свеста на потрошачите. „Тоа што е недеклариран производ е небезбеден производ. За тој производ самиот потрошувач треба да е свесен дека не треба да го купува„ вели Дамевска.
Пет труења со храна за две недели
„ Работите одат кон подобро во производството на слатки„ вели Лидија Дамевска, раководител во Дирекцијата за храна. Според Дамевска постои систем на самоконтрола во производството на храна. Производителите договорно секој месец праќаат мостри до градските заводи за здравствена заштита и ги вршат здравствени прегледи на вработените секој 6 месеци.Казните за непочитување на пропишаните услови се од 40 до 240 иљади денари за правно лице и од 10 до 30 иљади денари за одговорно лице во фирма . Најтешка казна за производителот е забрана за вршење на дејност од 3 месеца до 1 година.
Извештајот на дирекцијата за првите шест месеци oд оваа година најдобро говори за тоа какви се состојбите во производството и прометот на храна.
Според овој извештај извршени се 4863 контроли и издадени се 2947 решенија за остранување на недостатоци.
Поради минимални хигиенски услови, неизвршени здравствени прегледи на вработените кој манипулираат со храната , позитивни наоди, неизвршени дезинсекции и дератизации на објектите согласно законската регулатива затворени се вкупно 136 објекти. Поради неизвршен лекарски преглед остранети се 1833 вработени. Од испитани 2050 мостри, 235 не одговараат на законски предвидениот квалитет, 151 мостри се со бактерија коли и салмонела и 84 мостри се хемиски неиправни и без соодветна декларација. Лидија Дамевска раководител на одделението за анализа и проценка на ризик вели дека во периодот од 31 Јули до 13 Август кога поради топлото време е најголем ризикот, имало 5 труење од храна. Во овој период од 14 дена се случило само едно труење со слатки се фалат во дирекцијата На свадба во Куманово 95 гости се затруле од колач „Панкерка„, во која е пронајдена бактерија салмонела. Во извештајот на Дирекцијата нема бројки за состојбите со „сивата“ економија во производството и прометот на храна.Во сите меѓународни извештаји за Македонија, „сивата„ економија се проценува на 40 насто од Бруто Домашниот Производ.



